ПОРАЗ КОЈ НЕ БОЛИ

Визата е заверена: Одиме на Светско!

Македонската ракометна репрезентација во Клуж ја завери визата за шестото Светско првенство кое следната година ќе се одржи во Германија и Данска (четврто по ред) иако загуби на гости со 26-25.

објавено: 13 јуни 2018 - 19:00

Од Клуж, Марија Ковачева

Македонската ракометна репрезентација во Клуж ја завери визата за шестото Светско првенство кое следната година ќе се одржи во Германија и Данска (четврто по ред). Позитивата од осум гола на првиот меч во Скопје и тоа како заврши голема работа, на реваншот нашите момци беа далеку од посакуваното издание. Очекувано, во Клуж беше многу тешко, противникот имаше многу поголема мотивација, трибините не беа исполнети до последното место, но беше доволно за да одиграат многу подобро, па и да не изнервираат нам новинарите, Македонците на трибините, како сите оние кои го гледаа мечот пред ТВ-екраните.

Дејан Манасков беше прв стрелец со осум гола, следен од капитенот Лазаров со пет, додека Стоилов имаше четири погодоци.

Првото полувреме почна нешто како слично во Скопје, со тоа што домаќинот даде само еден гол, следеше серија од 4-0, „црвено-жолтите“ во 10. минута имаа водство од 1-4 благодарение на головите на Манасков и Лазаров.

Иако на првиот меч играта „седум на шест“ беше промашување, Чави Пасквал не се откажа и на реваншот. Одбраната си ја вршеше работата, но не знаевме да казниме празен гол, имавме четири промашувања. Романија го искористи ова, по голот на Манасков за 5-7, направи серија од 5-0 за највисоко водство на овој дел од мечот од 10-7. Нашите ракометари цели осум минути не постигнаа гол. Лазаров го прекина налетот, една минута подоцна Манасков со два погодоци во серија намали на 11-10, израмнивме и на 11-11, но на одморот Романија замина со позитива 12-11.

И во второто полувреме имавме проблеми. По 13-13, домаќинот со нова серија од 3-0 за кратко време ја врати највисоката предност од три гола (16-13) во 38. минута. Се мачевме, иако Романците се неколку класи под нас, сепак предноста на домашен терен максимално ја користеа. Среќа што Дејан Манасков имаше свој ден, токму тој не му дозволуваше на противникот да отиде предалеку.

До 48. минута игравме гол за гол, по следеше нов пад и секако нова серија на домашниот состав за 23-20 во 22. минута. Раул Гонзалез повика тајм-аут, не вроди плод, Романија поведе со највисоки плус четири 24-20, доволна причина за да публиката се разбуди и приреди пеколна атмосфера.

Стоилов го најде патот до голот, намали на 24-21, а на спортивната страна конечно промашување.

Шпанскиот стратег во немоќ постојано комбинираше, во последните минути влезе Филип Лазаров, даде два важни гола, и ги врати Романците во суровата реалност на следното Светско првенство ќе оди Македонија, чудо ќе бараат во некое друго време. 

 

Најново во Ракомет