ТИМОТ ОД АВТОКОМАНДА СЕУШТЕ НЕМА ТРИУМФ ВО СЕХА СЕЗОНАВА

Брестовац: Уморот ни е непријател, Железничар е убава можност да победиме!

Денеска се одржа прес-конференција по повод натпреварот од шестото коло во СЕХА-лигата помеѓу Металург и Железничар кој ќе се одигра в среда (17. октомври) со почеток од 20:15 часот во ВИП Арена СЦ „Борис Трајковски" - Скопје.

објавено: 15 октомври 2018 - 12:20

Тимот од Автокоманда и понатаму го чека својот прв триумф сезонава во регионалното натпреварување, после пет одиграни мечеви е на последното 10. место со едно реми и четири порази (еден бод).

„Убава можност за добар меч и за прва победа сезонава. Малку сме уморни, имавме напорна недела зад нас со многу патувања. Уморот ни е непријател, но тоа не значи дека нема подготвени да го почекам Железничар. Имаме шанса за надигрување, да понудиме интересен меч и да победиме", вели стратегот на Металург, Данило Брестовац.

Од друга страна за разлика од македонскиот вицешампион, српскиот клуб од Ниш предводен од тренерот Веселин Вујовиќ е на осмата позиција со три бода, односно една победа (во минатото коло дома над Извиѓач, 30:21) и четири порази.

„Нема многу што да се каже за овој меч. Мора да одиме на победа. Железничар првата победа во СЕХА ја имаше минатото коло, ние се уште не сме триумфирале, но ова е одлична можност за тоа. Не го потценуваме противникот, напротив со респект ќе влеземе во натпреварот. Долгата низа порази влијае на нас, но во овој случај тоа е мотив плус за премиерна радост сезонава", дециден е голманот Никола Даниловски.

Најново во Ракомет