Нексе е следниот противник на металурзите

Червар: Да продолжиме со атрактивен ракомет

Лино Червар е задоволен од настапот и прикажаната игра на ракометарите на Металург по првата победа во СЕХА лигата. Во Панчево беше надигран и победен Динамо, а во недела на ред е третото коло и мечот со Нексе

објавено: 7 септември 2017 - 12:25

Лино Червар е задоволен од настапот и прикажаната игра на ракометарите на Металург по првата победа во СЕХА лигата. Во Панчево беше надигран и победен Динамо, а во недела на ред е третото коло и мечот со Нексе.

„Покажавме добар ракомет. Атрактивен, динамичен, со добар и квалитетен пристап и во одбрана и во напад. Потребно е така да продолжиме. Потребно е да бидеме трпеливи. Со ниту еден тим не може да кажеме дека сме фаворити. Натпреварите во СЕХА лигата помагаат да се крене квалитетот на младите играчи. За разлика од дуелот со Вардар против Динамо бевме поборбени, поопуштени и секој меч што ќе следи се надевам дека ќе го крене нивото на нашата игра.
Нексе е тежок противник, без разлика дали игра дома или во Нашице. Потребна е добра ментална и физичка подготовка. Екипа со добра хемија меѓу младите и старите играчи. Ги предводат Зрниќ, Мрџеновиќ... како и Стршен. Ќе биде тежок дуел, со брза, добро подготвена екипа. Играат динамично, со контра и полуконтра, со агресивна 6-0 одбрана. Императив е добра игра, а добрата игра носи добар резултат. Како што се боревме во дуелот со Панчево, се надевам дека така ќе биде и против Нексе. Со срце, концентрирано, со грешки сведени на минимум“, вели Червар.

Во Панчево се истакна Анте Токиќ, а тој ќе биде адут и за следните мечеви.

“Нашиот пристап беше најдобриот момент против Динамо и треба тоа да ни биде водилка и за идните натпревари. Темпото е такво не смее да се дозволи опуштање. Нексе како и ние е со многу промени во тимот. Играат брз ракомет, но имаат и искусни играчи. Верувам дека ќе одиграме уште еден добар меч и ги повикувам навивачите да дојдат и да не поддржат“, вели Токиќ.

Мечот ќе се игра во недела од 17,45 часот во салата “Борис Трајковски“.

Најново во Ракомет