ШАМПИОНОТ ПАДНА И ВО СЕХА-ЛИГА

Червар го сопре Вардар: Шампионот поразен по 31 меч

Македонскиот и регионален првак, Вардар го запиша првиот пораз во СЕХА-лигата, откако на гостувањето кај ППД Загреб беше совладан со 26-23.

објавено: 16 октомври 2018 - 19:02

Серијата од 31 натпревар без пораз во СЕХА-лигата македонскиот тим ја заврши на гостувањето кај ППД Загреб, тимот кој во декември 2016 година последен славеше победа над „црвено-црните“. Лино Червар и неговата игра „седум на шест" во поголем дел од мечот на крајот пресуди, Вардар беше совладан со 26-23.

Роберто Гарсија Парондо на ова гостување ги немаше на располагање Вуко Борозан, Рожерио Мораес и новото засилување Кристијан Дисингер (последните двајца останаа во Скопје), а заморот по тешкиот пораз кај Келце можеше да се почувстува, иако ниту домашниот тим зад себе немаше полесен натпревар во ЛШ.

Кристопанс со четири гола беше прв стрелец, Дибиров имаше три гола од десет обиди. На другата страна Златко Хрват беше стрелец на шест погодоци. 

Бранителот на титулата до 17. минута ја одржуваше предноста од два гола 2-4, 3-5, 4-6 и 6-8. Павлетиќ и Хорват израмнија на 8-8 за незвесно прво полувреме, во кое домашниот тим на два минути до крајот поведе со 14-13. Дибиров се погрижи Вардар на паузата да замине со егал 14-14.

„Црвено-црните" првиот гол го постигнаа во 38. минута, Лино Червар во овој период играше „седум на шест", па токму затоа неговиот тим имаше позитива од плус два (17-15). Иако се очекуваше брз кам-бек на Вардар, сепак хрватскиот тим предноста од два гола успеа да ја сочува до 56. минута. Македонскиот првак имаше шанса да израмни, но Чупиќ промаше седмерец при 22-21, следеше казна ППД Загреб поведе со највисоки 24-21 со голот на Ќерими. 

По петото коло, Вардар и ППД Загреб се на делба на првото место со скор од четири победи и еден пораз. 

Најново во Ракомет