ПОВРЕДАТА СЕПАК Е ПОСЕРИОЗНА

Чупиќ и натаму е проблем за Вардар

Иван Чупиќ нема да биде во составот на Вардар за утрешната средба против Целје во рамките на СЕХА-лигата. 

објавено: 12 февруари 2018 - 17:00

Нема одмор за Вардар. По поразот од Барселона, македонскиот тим веќе го чекаат СЕХА-обврски. Раул Гонзалез и неговите избраници утревечер на домашен терен го пречекуваат Целје. На оваа средба во составот на „црвено-црните“ нема да биде Иван Чупиќ, кој има проблем со коленото, повреда со коај се здоби на Европското првенство. 

„Целје е добра екипа со млади играчи, и играчи кои исто така имаат искуство. Натпреварот е тежок, зашто тие играат брз центар. Треба да се биде спремен на таквата игра. Очекувам добар натпревар. Ние имаме стабилност и треба да играме добро, но и да се искористи мечот, да се чувствуваме подобро и да се воиграме подобро. Имавме долга пауза, и сега ни требаат натпревари“, изјави Раул Гонзалез.

Дуелот со Целје ќе биде проверка на силите за неделната средба против Пик Сегед во рамките на 12. коло во Лигата на шампионите. Вардар мора да го добие овој меч доколку сака да остане на врвот на табелата во група А и сигурно до чекори кон директниот пласман во четвртфиналето. 

Најново во Ракомет