БАРСА Е МИНАТО, НА ППД ЗАГРЕБ ПОВТОРНО МУ ДОЈДЕ РЕДОТ

Гонзалез: Повторно сме фаворити, но тоа мораме да го потврдиме на терен

Триумфот над Барселона е зад ракометарите на Вардар, европскиот првак утре го чека меч од СЕХА-лигата, во Скопје гостува тимот на ППД Загреб.

објавено: 16 октомври 2017 - 13:22

Триумфот над Барселона е зад ракометарите на Вардар, европскиот првак утре го чека меч од СЕХА-лигата, во Скопје гостува тимот на ППД Загреб. Хрватскиот тим оваа сезона веќе има пораз од „црвено-црните“ во Лигата на шампионите, од „Јане Сандански“ си замина со убедливи 28-21. 

Вардар и во регионалното натпреварување е лидер на табелата, има четири победи во исто толку одиграни натпревари, а според играта што ја прикажаа избраниците на Раул Гонзалез, против ППД Загреб треба да дојдат до два нови бода.

„На ред ни доаѓа натпреварот со ППД Загреб во СЕХА Газпром лигата. На претходниот наш дуел двете екипи играа натпревар со висок интензитет во лигата на шампионите. Ако се сеќавате ние немавме добар почеток и тие воде со 3-4 голови. Можеби ние повторно сме фаворити за победа, но тоа мораме да го потврдиме на терен. Треба да бидеме добро подготвени, а имаме и проблеми со некои повредени играчи. Знаеме дека ова ќе биде навистина тежок натпревар“, изјави Раул Гонзалез.

Капитенот на Вардар, Стојанче Стоилов очекува тежок меч, но ветува дека ќе дојдат до нова победа.

„Треба да играме со противник што ние многу добро познат. Нашиот претходен дуел сезонава беше пред неколку седмици. Знаеме дека ја имаме фаворитската улога, што значи дека мораме да победуваме на сите натпревари пред домашна публика. Знаеме дека тоа нема да биде лесно, но тоа е наша обврска и верувам дека можеме да ја исполниме“, рече Стојанче Стоилов.

На овој натпревар, Раул Гозналез нема да може да смета на услугите на Рожерио Мораес кој поради скршеница на носот со сигурност ќе го пропушти и следниот меч од СЕХА-лигата, против Целје на гостински терен.

Дуелот меѓу Вардар и ППД Загреб е закажан за утре со почеток во 17:30 часот. 

 

 

 

 

 

Најново во Ракомет