ВАРДАР ЈА ПОЧНУВА ГОДИНАТА СО МЕШКОВ БРЕСТ

Гонзалез: Ќе биде тешко, но сигурен сум дека момците ќе одиграат најдобро

Европскиот и регионален првак денеска (17 часот) му гостува на Мешков Брест во рамките на СЕХА-лига. Овој дуел, како и гостувањето кај Татран Прешов ќе бидат подготовка за мечот против Барселона во продолжение од Лигата на шампионите.

објавено: 1 февруари 2018 - 08:30

По подолга пауза, Вардар денеска го игра првиот меч од оваа година. Секогаш незгодниот Мешков Брест е противникот на Раул Гонзалез и неговите избраници, кои во досегашниот дел од сезоната во СЕХА-лига немаат пораз, зад себе имаат 11 победи во исто толку одиграни натпревари.

Во Брест, но и Прешево, шпанскиот стратег нема да смета на услугите на Вуко Борозан, Илија Абутовиќ и Иван Чупиќ, кои поради повреди останаа во Скопје.

„Нашите гостувања во Брест секогаш се тешки, а Мешков секогаш излегувал како тежок противник. Очекуваме интезивна игра, домаќинот сигурно ќе сака да одигра подобро за разлика од претходните натпревари и годината да ја започе со победа. Нашата цел е да продолжиме со добрите игри и да се подготвиме за предизвиците во Лигата на шампионите. Во составот немаме некои играчи, но можам да ветам дека останатите ракометари ќе одиграат најдобро“, изјави Раул Гонзалез, кој заедно со своите момци немаше многу време за подготовка, бидејќи голем дел од нив со своите репрезентации настапија на Европското првенство.

Мешков Брест беше единствениот тим кој минатата година му нанесе пораз на Вардар, кој потоа имаше неверојатна серија во СЕХА-лига и во Лигата на шампионите, која се уште трае. Инаку првата пресметка оваа сезона заврши во корист на македонскиот тим, кој на домашен терен славеше со 31-23.

 

Најново во Ракомет