КАПИТЕНОТ И ИГРАЧИТЕ ГО ИЗГУБИЈА ТРПЕНИЕТО

Кузмановски на газдата на Металург му даде рок до среда

„Нашата управа мора да среди се, не е коректно од нивна страна. Давам рок до среда, барем за себе, па понатаму нека одлучи газдата“, изјави на прес-конференцијата, Филип Кузмановски.

објавено: 4 февруари 2018 - 17:01

Ракометарите на Металург уште еднаш ја покажаа својата големина. И покрај тоа што веќе долго време се незадоволни од условите во клубот, кој е во тешка финансиска ситуација, сепак на терен го даваат максимумот. 

Трпеливо чекаа колку толку да се средат работите во Автокоманда, но и на тоа дојде крајот. Капитенот Филип Кузмановски испрати порака до првиот човек на клубот дека до среда има рок да го исплати долгот, во спротивно клубот ќе доживее целосен колапс.

„Покажавме денеска на терен дека на прво место ни е ракометот, а после финансиските проблеми, кои ги имаме долго време. Јас како капитенот на тимот кажав во соблекувална, секој што ќе излезе на терен, треба да даде максимум, и да играат пред се за себе и за клубот. Ние ги имаме најмладите играчи во СЕХА лига. Ќе дадеме се од себе. Мислам дека ситуацијата не може да продолжи вака до недоглед, со неисполнети финансиски барања. Нашата управа мора да среди се, не е коректно од нивна страна. Давам рок до среда, барем за себе, па понатаму нека одлучи газдата“, изјави Кузмановски.

Најново во Ракомет