„МЕТАЛУРЗИТЕ“ НАЈАВУВААТ МНОГУ ПОДОБРО ИЗДАНИЕ

Кузмановски: Сакаме да докажеме дека Вардар беше само лош ден

Металург вечерва (20:45 часот) на гостувањето кај Динамо Панчево ќе се обиде да го запише првиот триумф во СЕХА-лигата. 

објавено: 6 септември 2017 - 17:25

Металург вечерва (20:45 часот) на гостувањето кај Динамо Панчево ќе се обиде да го запише првиот триумф во СЕХА-лигата. Избраниците на Лино Червар зад себе го имаат убедливиот пораз од Вардар, кој пак ќе биде дополнителен мотив за да докажат дека имале само лош ден.

"СЕХА-лигата за нас е многу важна, бидејќи сме млада екипа, која постојано сака да напредува и да добива на искуство од мечевите против квалитетни противници. Вечерва сакаме да докажеме дека против Вардар имавме само лош ден. Имаме многу млади играчи и, за да целата работа профункционира добро, мора да помине извесно време. Се надевам дека против Динамо ќе го докажеме нашиот квалитет, со непрекината борба од првата до последната минута", изјави капитенот Филип Кузмановски.

Червар смета дека мора да го намалат бројот на технички грешки, доколку сакаат да дојдат до победата. 

"На средбата со Вардар направивме голем број на технички грешки, па, доколку сакаме успех во Панчево, ќе мора истите да ги сведеме на минимум. Сепак, во поразот против Вардар јас гледам и добри работи. Го имаме најмладиот тим во лигата и секој меч за нас е можност да се добие искуство. Динамо ја победи Војводина на првиот натпревар и знаеме дека се работи за одличен тим, но нашата цел останува иста - да одиграме најдобро што можеме и да се надеваме на поволен резултат од ова гостување", вели искусниот стратег на Металург.

 

 

Најново во Ракомет