НА ПОЧЕТОКОТ НА АВГУСТ ЌЕ СЕ ОДЛУЧУВА ЗА РЕГИОНАЛНАТА ЛИГА

Ликот на ВРХЛ се креира во Целје

Вардар, Крим, Будуќност и Подравка на 4 август ќе ја потврдат желбата да продолжи регионалното натпреварување.

објавено: 21 јули 2017 - 18:05

Вардар, Крим, Будуќност и Подравка на 4 август ќе ја потврдат желбата да продолжи регионалното натпреварување, открива единствениот спортски весник „Македонски спорт“.

По неколкугодишна пауза, лани на сцена се врати Женската регионална лига (ВРХЛ), и тоа, пред сѐ, поради иницијативата на македонскиот првак ЖРК Вардар, како и на Будуќност, Крим и на Подравка, кои беа единствените учесници во тоа издание. Желба да продолжи регионалното натпреварување и следната сезона има, а одлуките за тоа што и како понатаму ќе се донесат на состанокот закажан за 4 август, во Целје, кој треба да го дефинира ликот на новата ВРХЛ-сезона. Во моментов нема конкретни информации за тоа дали постои интерес од други клубови во регионот да се приклучат на натпреварувањето. Јасно е дека за „црвено-црните", црногорскиот првак, како и за Крим (сите учесници во Лигата на шампионите) и за Подравка, која игра во квалификациите за место во групната фаза на најсилното европско клупско натпреварување - ВРХЛ, е уште од како големо значење. Сите клубови имаат ист проблем – слаба конкуренција во националните првенства и неможност да најдат квалитетни спаринг- партнери во текот на сезоната, па оттаму е и силната желба за креирање квалитетно регионално натпреварување.

Ланското издание имаше турнирски систем, односно секоја екипа беше организатор на по еден турнир, и тоа во периодите во кои имаше пауза во Лигата на шампионите, па тие натпревари доаѓаа како квалитетна подготовка за елитните мечеви. Три од нив имаа форма на регуларно натпреварување, додека четвртиот во Скопје, во организација на Вардар, имаше статус на Ф4, а македонскиот првак е негов освојувач.
Ќе имаат ли можност вардарки да го бранат тронот и во каква форма, ќе се знае на почетокот од следниот месец.

 

Најново во Ракомет