КОНЕЧНО ПОБЕДА И ЗА ТИМОТ ОД АВТОКОМАНДА

Металург наместо да го „патосира“ Татран Прешов, на крајот славеше минимално

Металург стави крај на серијата од четири порази во СЕХА-лигата, откако на домашен терен го совлада Татран Прешов со 31-30. 

објавено: 28 ноември 2017 - 22:16

Какво издание на ракометарите на Металург. Против Татран Прешов играа како никогаш да не биле во криза. Тимот од Автокоманда максимално го искористи домашниот терен и славеше со 31-30 (18-13). Со оваа победа „металурзите“ ставија крај на серијата од четири порази во низа, а го запишаа третиот триумф сезонава во регионалното натпреварување.

Победата во ниту еден момент не беше ставена под знак прашалник, барем во поголемиот дел од мечот. По израмнетата игра во воведните минути, избраниците на Александар Јовиќ во 22. минута имаа предност од 15-10, ова беше позитивата која ја задржаа на крајот на првото полувреме (18-13). 

Ракометарите на Металург продолжија во ист ритам и по одморот, во 44. минута со погодокот на Анџелиќ дојде на двоцифрени 26-15, 27-16 и 28-17. До крајот требаше да биде чиста рутина, но големата позитива негативно се одрази врз играта на тимот од Автокоманда, кој на крајот славеше со минимални 31-30.

Јаганац со девет гола беше најефикасен, зад него со по пет погодоци беа Томиќ, Кузмановски и Пешевски. 

Најново во Ракомет