„СИНО-БЕЛИТЕ“ СЕГА СЕ ПОРАЗЕНИ ВО СЕХА ОД ЛИНО ЧЕРВАР

Металург никако да научи: Загреб направи серија и заврши приказната! (ФОТО)

И во петтиот натпревар сезонава од ракометната СЕХА Газпром лига, ракометарите на Металург не дојдоа до триумф, откако вечерва загубија од домаќинот ППД Загреб со конечен резултат 26:22.

објавено: 2 октомври 2018 - 22:27

Поведе тимот од Автокоманда од пенал кој го реализираше Серафимов, но потоа следуваше серија од 3:0 на домаќините преку Сршен, Мандриќ и Контрец.

Веќе неколку нереализирани напади на „сино-белите", после загубената топка на несудениот член на Металург, Ќерими, беше намалена негативата во деветтата минута со голот на Стојановиќ.

Тимот на Данило Брестовац водеше рамноправна битка во првите 15 минути од средбата против поранешниот стратег на македонскиот вицешампион, Лино Червар.

Маџовски и Миличевиќ се погрижија за израмнување на 4:4, но веднаш минимално водство за Хрватите донесе Божиќ Павлетиќ со неговиот втор гол на мечот. После грешката на Бичаниќ, во контра во листата на стрелците се запиша и голманот Томовски.

Следуваа три нови израмнувања од страна на ракометарите на Металург беше 7:7 после 20. минути игра, па 9:0 преку Токиќ и 10:10 после успешниот седмерец на Серафимов. Играчите на Червар сепак на паузата заминаа со еден гол предност благодарение на Јотиќ.

И како да се повторуваат приказните од минатите мечеви, едно добро прво полувреме и потоа целосен пад на концентрацијата која ривалите веднаш ја искористуваат.

Во овој случај тоа го направи ППД Загреб кој уште во првите 10 минути од вториот дел имаше серија од 8:0 која беше клучна за крајниот епилог.

Верувале или не, од стартот на второто полувреме до 49. минута само три голови успеа Металург да реализира преку Димитриоски, Серафимов и Миличевиќ.

До крајот само рутински домаќините ја одржуваа предноста, нашиот претставник во финишот се „разбуди", успеа нешто да намали од негативата, недоволно да се спречи и четвртиот пораз оваа сезона во регионалното натпреварување.

Први стрелци кај ППД Загреб беа Давид Мандиќ со шест и Јосип Божиќ Павлетиќ со четири голови, а за Металург по четири погодоци имаа Мартин Серафимов и Адриан Миличевиќ. Голманот Мартин Томовски собра вкупно 11. одбрани.

На табелата Металург моментно е на последното 10. место со само еден бод, а ППД Загреб е на втората позиција со 12 бодови, три помалку зад водечкиот Вардар.

СЕХА лига
ППД Загреб-Металург 26:22 (11:10)

Металург: Томовски 1 (11 одб.), Василевски, Јагуриновски, Јагањац 3, Лазаревски, Димитриоски 1, Токиќ 2, Шилегов, Танкоски, Серафимов 4, Велковски 2, Миличевиќ 4, Маџовски 3, Стојановиќ 2, Матијашевиќ, Арсеновски.

Најново во Ракомет