Екс европскиот првак е предизвик за тимот од Автокоманда

Металург сака победа против фавориот Целје за разделба во СЕХА лигата

Металург задутре од 17,45 часот ќе го игра финалниот натпревар сезонава во СЕХА лигата, а ривал ќе биде учесникот на фајналфор турнирот Целје

објавено: 16 март 2018 - 12:57

Металург задутре од 17,45 часот ќе го игра финалниот натпревар сезонава во СЕХА лигата, а ривал ќе биде учесникот на фајналфор турнирот Целје.

Поранешниот европски првак од Словенија веќе е меѓу четирите патници на Ф4 турнирот во Скопје, закажан за средината на април и овој натпревар за нив нема резултатско значење. Во иста ситуација е и Металург, но мотивот е да се одјават од Регионалното натпреварување победнички и тоа пред својата публика.

„Ја повикувам нашата публика да дојде во што поголем број. Во мое име и во име на играчите можам да ветам дека нема да ги разочараме. Целје е апсолутен фаворит на овој дуел, а ние за да дојдеме до поволен резултат мораме да одиграме најдобро сезонава. Мораме да бидеме максимално борбени во одбрана, а во напад да играме трпеливо и до чиста позиција за шут", изјави Александар Јовиќ, тренерот на Металург.

 Клубот од Автокоманда полека ја надминува финансиската криза, а се најавуцва враќање на старите патеки на успехот.

„Наша обврска е овој меч да го одиграме како што треба и да го посветиме на нашиот спонзор Минчо Јорданов, кој покрај сите проблеми наоѓа средства за Металург да опстои како клуб и во иднина да се врати на старите патеки."

 Влезот за последниот меч на Металург во СЕХА лигата сезонава ќе биде слободен. 

Најново во Ракомет