ТИМОТ ОД АВТОКОМАНДА СО СТАРИ ПРОБЛЕМИ

МЕТАЛУРГ ТРГНА СО ПОБЕДА: Ја „мачкаа“ Војводина, па застанаа (ФОТОГАЛЕРИЈА)

Металург ја забележа петата победа во СЕХА-лигата, откако на домашен терен ја совлада Војводина со 30-26 (21-9). 

објавено: 4 февруари 2018 - 16:21

Металург ја забележа петата победа во СЕХА-лигата, откако на домашен терен ја совлада Војводина со 30-26 (21-9). Избраниците на Александар Јовиќ не го штедеа далеку послабиот противник, во првото полувреме влегоа максимално и на одморот имаа позитива од 21-9, што пак е најубедливо водство за тимот од Автокоманда во едно полувреме.

Металурзите отворија со серија од 10-3, а потоа во 21. минута со двата гола на Токиќ дојдоа на двоцифрени 16-5. Најголемата предност ја имаа на една минута до крајот на првото полувреме, Лазаревски погоди за 21-8.

Во продолжение, ракометарите на Металург застанаа, како да немаа мотив до крај да го демолираат гостинскиот тим, кој успеа да се доближи на 28-22 во 54. минута, а потоа на 30-25.

Сепак и оваа игра е за поздрав ако се земе во предвид дека во вториот дел од сезоната во составот ги немаат Петров, Арсиќ, Димитриевски и Анѓелиќ, а не играше повредениот Жарко Пешевски

Јаганац со осум погодоци беше најефикасен кај македонскиот тим, по три гола имаа Кузмановски и Серафимов.

Металург следниот меч го игра на 13 овој месец, кога му гостува на ППД Загреб.

 

Најново во Ракомет