ПО ДВЕТЕ ОДЛИЧНИ ПАРТИИ ВО ЛШ, СЕХА СЛЕДЕН ПРЕДИЗВИК

Од Металург апелираат: Нема да се штедиме, дојдете во сала, нема да зажалите

По одличните резултати против Мотор и Чеховски Медведи на гостински терен во рамките на Лигата на шампионите, Металург, исто како и Вардар се враќа на дуелите од СЕХА-лигата. Тимот од Автокоманда в среда ќе биде домаќин на Горење Велење.

објавено: 16 октомври 2017 - 14:02

По одличните резултати против Мотор и Чеховски Медведи на гостински терен во рамките на Лигата на шампионите, Металург, исто како и Вардар се враќа на дуелите од СЕХА-лигата. Тимот од Автокоманда в среда ќе биде домаќин на Горење Велење. 

Предводникот на Металург, Александар Јовиќ најави дека неговите момци нема да се штедат, бидејќи главна цел е да ја вратат публика на трибините.

„Натпреварот со Горење е последен натпревар пред ЕХФ-неделата и еден вид тест за нашите поставени цели. Нашата примарна цел е да играме се подобро и поборбено во одбраната, да не го штедиме своето тело, бидејќи само така можеме да ја придобиеме и публиката, која знае да процени дали екипата игра борбено. Во нападот мора да играме до конректна шанса за удар. Резултатот ни е во втор план", изјави Александар Јовиќ, тренерот на Металург.

Победата против рускиот тим на гостински терен дефинитивно ја зголеми самодовербата во редовите на Металург.

„Горење Велење е познат противник од ланската сезона, имавме една победа дома и еден пораз во гости. Составот на екипата е речиси ист, иако имаат нови имиња. Убеден сум дека тренерот Бабиќ добро ќе ги подготви играчите. Се надевам дека и на овој дуел ќе одиграме добро во одбрана и супериорно во напад, како против Мотор и Чеховски. Би сакал да упатам еден апел до публиката, да дојде да не поддржи во поголем број и верувам дека ние ќе и се оддолжиме со одлична игра“, изјави Мартин Томовски.

Натпреварот меѓу Металург и Горење се игра в среда со почеток во 18:45 часот.

Најново во Ракомет