МЕШКОВ ГО СОПРЕ, НО НЕ ГО ПОБЕДИ ШАМПИОНОТ

По голема драма: Вардар со реми во Брест

Европскиот и регионален првак во првиот меч од оваа година одигра нерешено 25-25 на гостувањето кај Мешков Брест за прво реми во СЕХА-лигата.  

објавено: 1 февруари 2018 - 18:38

Прво реми за македонскиот тим во СЕХА-лигата по серијата од 11 победи во низа. Дуелите со белорускиот тим особено на гостински терен повторно се покажаа како тешки, но овојпат Вардар имаше шанса за победа, но судиите на крајот пресудија мечот да заврши без победник 25-25. Ова е резултат кој не менува ништо на табелата бидејќи „црвено-црните“ одамна го осигураа местото во завршницата.

По месец и пол пауза, но и без премногу време за подготовки (поради Европското првентсво), Вардар се врати во натпреварувачки ритам. Без Илија Абутовиќ, Иван Чупиќ и Вуко Борозан, но како што најави „Спортмедиа“ со Арпад Штербик и Жоан Кањелас во составот, „црвено-црните“ отпатуваа гостувањето во Брест.  

Дибиров со осум погодоци беше најефикасен, по три гола имаа Кристопанс и Циндриќ, а додека Штербик запиша 11 одбрани. 

Домашниот состав тргна многу подобро, отвори со серија од 3-1. Мешков водството од три гола го одржуваше до 19. минута (8-5) и тоа благодарение на распложениот голман Иван Пешиќ. Македонскиот тим со головите на Поповски, Стоилов и Дибиров израмни на 8-8, а на истекот на 25. минута го забележа првото водство на мечот 10-11. На полувремето резултатот беше 12-12.

По новото водство на Вардар од 13-14, белорускиот тим направи серија од три гола за враќање на водството 16-14 во 36. минута. Циндриќ, а потоа најрасположениот Дибиров израмнија на 16-16, беше и 18-18.

Во последните 10. минути, Кристопанс со два гола во серија израмни на 22-22. Во 52. минута, Дибиров не успеа да го совлада Мијатовиќ од седум метри, па Мешков дојде повторно на плус два 24-22. Судиите на крајот му помогнаа на домашниот состав, неправилно го исклучија Дибиров, кој протестираше откако не ја санкционираа неспортската игра на противничкиот ракометар при 24-23. Штербик ја оствари 11 интервенција, а Циндриќ израмни на 24-24, а потоа му донесе водство на својот тим од 24-25. Мешков израмни на 25-25, а судиите не им дозволија на вардарци да го одиграат последниот напад во целост.

Вардар во сабота го играат вториот меч од СЕХА-лигата, како гостин на Татран Прешов.

Најново во Ракомет