ВАЖНА ПОБЕДА ЗА ШАМПИОНОТ ПРЕД МЕЧОТ СО ВИСЛА

ППД Загреб добро го испоти Вардар

Македонскиот и регионален првак од гостувањето кај ППД Загреб се враќа со триумф од 24-25 . 

објавено: 27 февруари 2018 - 21:56

По тешкото гостување во Нант, ракометарите на Вардар очекувано не блескаа против ППД Загреб во рамките на 15. коло во СЕХА-лигата, особено ако се земе во предвид дека немаше време ниту за одмор, а уште помалку за подготовка. И во едно вакво издание „црвено-црните“ успеаја да дојдат до двата бода, Игор Карачиќ во финишот го најде патот до голот (24-25), а на другата страна Страхиња Милиќ го одбрани ударот на „плинарите“ за реми. За регионалниот првак ова беше 14. победа сезонава, која доаѓа во вистинско време, пред важниот меч против Висла Плоцк во Лигата на шампионите.

Вардар одигра лошо прво полувреме, во кое имаше негатива од два гола (13-11). Хрватскиот шампион отвори со серија од 5-1, ова беше и најголемата предност која ја имаше на мечот. По 9-6 во 20. Минута, Циндриќ со да гола во серија го врати на Вардар на 9-8, кој на одморот замина со 13-11.

Македонскиот шампион во второто полувреме се разбуди од „зимскиот сон". По 14-11 во 34 минута, Борозан, Кањелас и Мораеш изедначија на 14-14, по што мечот влезе во неизвесна завршница. Колку избраниците на Раул Гонзалез имаа проблем говори фактот дека до првото водство на мечот дојдоа во 47. минута (18-19). Дибиров во 22 минута погоди за 20-21, а по неискористениот напад на ППД Загреб, Карачиќ го донесе највисокото водство на својот тим на мечот (20-22). Но, домаќинот набрзина успеа да се врати и да израмни на 22-22 во 26 минута. 

Марковиќ не дозволи лесна победа изедначи на 24-24, но Карачиќ го најде патот до голот за 24-25, а потоа Милиќ се најде на вистинското место.

Циндриќ и Дибиров со по пет погодоци беа најефикасни кај Вардар, на другата страна Шушња имаше исто толку погодоци.

 

Најново во Ракомет