ШТРАЈКОТ Е ОДЛОЖЕН

Ракометарите на Металург се смилуваа, отпатуваа во Загреб

И покрај финансиските проблеми и натаму неподмирените долгови, ракометарите на тимот од Автокоманда ќе го одиграат утрешниот дуел со ППД Загреб во рамките на СЕХА-лигата. 

објавено: 12 февруари 2018 - 18:30

Штрајкот во Автокоманда е одложен. Иако ситуацијата во таборот на Металург и натаму е иста, сепак ракометарите одлучија уште еднаш да ја покажат својата големина и професионалност. Денеска се качија во авионот за Загреб, каде утре ќе ги одмерат силите со „плинарите“ во меч од СЕХА-лигата. Оваа информација ја потврди Металург на својата официјална интернет страница. 

„Во Загреб, Металург отпатува со комплетниот состав со кој располага“, соопштија од Автокоманда.

За постетување, по завршување на дуелот со Војводина, капитенот на Металург, Филип Кузмановски на официјалната прес-конференција ги „отвори картите“. Македонскиот репрезентативец истакна дека играчите имаат земено само една плата сезонава. Кузмановски му даде рок на газдата, кој пак истече минатата среда.  Ситуацијата не се промени, претставник од управата на клубот ги замолил играчите за трпение.    

Иако веќе дел од ракометарите се активни на пазарот, сепак утревечер ќе го облечат дресот на Металург за дуелот со ППД Загреб. Дали ова ќе биде последен останува да биде познато по враќањето во Скопје. 

По 13 одиграни кола во регионалното натпреварување, Металург има 16 бода и го дели шестото со Татран Прешов.

 

Најново во Ракомет