МАКЕДОНСКИОТ ПРВАК И НАТАМУ БЕЗ ПОРАЗ ВО СЕХА

Романците добро му „лежеле“ на Вардар

Првата средба против еден романски тим, македонскиот шампион ја доби со леснотија, славеше со 27-21 и ја продолжи серијата од четири победи во низа. 

објавено: 18 септември 2018 - 21:42

За Вардар не е важно кој е противникот на теренот или пак дали има меѓусебна традиција. Ова на дело го видовме на дуелот со Стеауа Букурешт. Првата средба против еден романски тим, македонскиот шампион ја доби со леснотија, славеше со 27-21.

Ова беше четврта победа во низа во СЕХА-лигата, вкупно петта по ред, заедно со големиот триумф над Монпелје. Во составот на „црвено-црните“ не беше Вуко Борозан, доби поштеда. Роберто Гарсија Парондо им даде шанса на резервните играчи. Во СЦ „Јане Сандански“ дебитираше новото засиливање Грегор Оцвирк (запиша два гола), во игра влезе Марко Мишевски.

Дејан Милосављев мечот го заврши со 11 одбрани, во последните четири минути влезе Марко Кизиќ, кој успеа да запише една одбрана. Кристопанс со пет гола од исто толку обиди го предводеше својот тим, исто толку погодоци имаше и Кисељов. 

Иако до 13. минута домашниот состав имаше само еден гол позитива (7-6), резултатска неизвесност не постоеше. Многу малку им требаше на „црвено-црните“ за да дојдат до потребната позитива за уште една лесна победа. Со серија од 6-2, Вардар поведе со највисоки 14-9 во овој дел од мечот. По 15-11 на одморот, за Парондо и неговите избраници во продолжение беше рутина. Највисоката предност, Вардар ја имаше во 42. минута 21-14.

Во следното коло  е домаќин на Војводина, дуелот се игра втори следниот месец. 

 

Најново во Ракомет