БЕЛОРУСКИОТ ТИМ Е НОВ ПРОТИВНИК ВО СЕХА-ЛИГАТА

Нека му ја мисли Брест, сега Вардар го има летонскиот џин

Македонскиот тим, Вардар денеска (17:45 часот) го игра третиот натпревар во СЕХА-лигата. На патот до третата победа во низа во новата сезона на избраниците на Раул Гонзалез им стои Мешков Брест. 

објавено: 8 септември 2017 - 10:16

Македонскиот тим, Вардар денеска (17:45 часот) го игра третиот натпревар во СЕХА-лигата. На патот до третата победа во низа во новата сезона на избраниците на Раул Гонзалез им стои Мешков Брест. Станува збор за доста незгоден противник, во чии редови минатата сезона настапуваше новото засилување на „црвено-црните“, Даинис Кристопанс.

Лани во СЕХА лигата против белорускиот шампион одиграа нерешено, 34-34, а претходната сезона, Брест беше единствениот тим што победи во Скопје (28-27).

Во таборот на Вардар се претпазливи, но и сигурни во својот квалитет. Мешков сака да ја продолжи добрата традиција, но македонскиот тим сака реванш.

„Мешков ја смени одбраната и игра 5-1 и 6-0. Оваа сезона немаме играно против 5-1, но имаме време за подготовка. Драго ни е што играме во Скопје. Сакаме победа бидејќи нашата цел сезонава е да играме одново на фајнл фор. Веќе имаме две победи, но сакаме уште една", изјави тренерот Раул Гонзалез.

Ова дуел ќе биде последна проверка за Вардар пред гостувањето кај Висла Плоцк во рамките од првото коло на ЕХФ лигата на шампионите на 17 септмеври.

„Двете средби досега сезонава ги добивме со голема разлика, но мислам дека можеме уште подобро. Вардар докажа дека има потенцијал за уште повеќе. Среќни сме што победивме на првите два меча, но сега не чека дуел со Брест. Тоа е тим кој добро го знаеме кој има големи промени во составот, но ние одиме на триумф", изјави Стојанле Стоилов капитенот на екипата.

Најново во Ракомет