БЕЛОРУСИТЕ ИЗГОРЕА ВО ВУЛКАНОТ „ЈАНЕ САНДАНСКИ“

Скопски ЦРН ПЕТОК за Мешков, Вардар моќно до финалето

Вардар е на чекор до одбрана на титулата во СЕХА-лигата. Македонскиот тим во полуфиналето го совлада Мешков Брест со 33-24 (17-14).

објавено: 13 април 2018 - 19:15

Пред речиси полни трибини во СЦ "Јане Сандански", Вардар на терен го потврди она што го најави. Македонскиот и регионален првак покажа дека е созреан и дека нема да дозволи пехарот да замине од Скопје.

Моќта на „црвено-црните" ја почувствува Мешков Брест кој во полуфиналето беше поразен со 33-24 (17-14). Во финалето Раул Гонзалез и неговите избраници ќе играат против подобриот од дуелот меѓу ППД Загреб и Целје. „Црвено-црните" имаат шанса да постанат вториот тим кој во СЕХА-лига успеал две години по ред да го подигнат пехарот.

Лука Циндриќ со шест гола беше најефикасен кај македонскиот тим, еден помалку имаше Вуко Борозан. Арпад Штербик беше одново на висина на задачата со 20 интервенции. 

Мечот започна израмнето, се играше гол за гол и по првите пет минути беше 3:3. Потоа Вардар заигра многу подобро во одбраната и со серија од 5-0 стигна до водство од 8-3 во 12. Минута. Овој период голманот на македонскиот тим, Арпад Штербик имаше четири одбрани. Комотната предност на Вардар беше се до 17. Минута (12-6). Мал пад во играта беше доволен за да Мешков Брест се доближи на 12-10. Следуваше тајм-аут на Раул Гонзалез и брза серија од 4-0 за 16-10. На полувремето се замина со 17-14.

Сите дилеми (ако воопшто ги имаше) ги реши на стартот на второто полувреме. Со серија од 5-0 Вардар поведе со 22-14 во 32. минута, предност која до крајот на мечот се покажа дека е недостижна за противникот. Во овој период маестралниот Штербик имаше четири интервенции во низа. Вардар во 52. минута поведе со двоцифрени 30-20. 

Во финалето Вардар ќе игра со подобриот од дуелот меѓу ППД Загреб и Целје, кој почнува во 20:15 часот.

Најново во Ракомет