ЦЕЛЈЕ СО „ФОРМУЛА“ КАКО ДА ГО ДОБИЕ ЕВРОПСКИОТ ПРВАК

Сухолезник: Да се задржи Вардар под 30 гола

Барселона викендов во Лигата на шампионите ја прекина победничката серија на европскиот првак Вардар, а вечерва (20:45 часот) Целје е екипата која ќе се обиде да го стори истото на регионалната сцена.

објавено: 13 февруари 2018 - 12:05

Во дербито на 14. коло од СЕХА, Вардар влегува самоуверено со три победи во низа, вклучувајќи го и првиот меѓусебен регионален дуел сезонава во кој вардарци славеа со 29:31 на гостински терен.
Иако играат во СЦ „Јане Сандански" словенечките ракометари сметаат дека ја имаат „формулата" која ќе им овозможи да одиграат интересен меч во Скопје.

„Свесни сме за тешката задача која ни престои. Одбраната мора да биде на многу повисоко ниво од претходниот меч. Не смееме да му дозволиме на Вардар да постигне повеќе од 30 погодоци. Доколку успееме да ги задржиме под таа реализација, заедно со добар напад може да очекуваме интересен натпревар", смета кружниот напаѓач на Целје, Матич Сухолезник.

Трикратниот СЕХА шампион сезонава не знае за пораз и има 12 победи и само едно реми, од почетокот на месецов на гостувањето кај Мешков Брест.

Најново во Ракомет