ГОЛЕМ ГЕСТ НА ДВЕТЕ МАКЕДОНСКИ ЕКИПИ

Вардар и Металург ќе играат за Борче

Двата македонски претставници во СЕХА-лигата, Вардар и Металург се вклучија во хуманитарна акција за помош на Борче Јовановски. Ова 16-годишно момче, кое боледува од ретка генетска болест, Бета Таласемија, мора да оди на лекување во странство.

објавено: 4 декември 2017 - 13:53

Двата македонски претставници во СЕХА-лигата, Вардар и Металург се вклучија во хуманитарна акција за помош на Борче Јовановски. Ова 16-годишно момче, кое боледува од ретка генетска болест, Бета Таласемија, мора да оди на лекување во странство.

„РК Металург реши натпреварот помеѓу РК Металург и РК Динамо Панчево, кој ќе се оддржи на 12.12.2017 во 16.15 часот, да биде со хуманитарен карактер. Сите средства, собрани од продажбата на влезниците, ќе одат за оваа хумана цел. Сите за Борче!“, порачаа од таборот на РК Металург на својата официјална страница.

Вардар пак одлучи последниот меч пред домашната публика за оваа година да биде од хуманитарен карактер. Во СЦ „Јане Сандански“ гостува Металург, а цената на билетите ќе изнесува 50 денари. 

„Натпреварот од СЕХА Газпром лига, кој воедно е последен меч за Вардар пред домашната публика во 2017 година, ќе има и хуманитарен карактер.

Приходот од продажбата на билетите од натпреварот ќе бидат наменети за операција за Борче Јовановски, роден 15.08.2001, кој мора итно да замине на операција во странство на трансплантација на коскена срж. Шеснаесетгодишниот Борче боледува од ретка генетска болест Бета Таласемија и неговата здравствена состојба се влошува поради што е потребно да замине на лекување во странство.

Цената на билетите е 50 денари. Истите може да се купат преку продажната мрежа на wwwticketplus.mk.

На влезот на салата ќе бидат поставени и кутии за донирање на пари кои исто така ќе бидат наменети за лекувањето за Борче Јовановски.

Имателите на сезонски билети ќе можат бесплатно да го следат натпреварот, но ќе можат и да купат билет или пак да донираат пари“, се вели во соопштението на РК Вардар. 

Најново во Ракомет