РУТИНСКА ЗАДАЧА ЗА „ЦРВЕНО-ЦРНИТЕ“

Вардар и со пола сили пресилен за Динамо (42-32)

Без Арпад Штербик, Лука Циндриќ, Вуко Борозан и Илија Абутовиќ во составот, но и без помошта на Стојанче Стоилов и Тимур Дибиров на теренот, Вардар го мина Динамо Панчево со 42-32 (20-17).

објавено: 14 ноември 2017 - 19:12

Без Арпад Штербик, Лука Циндриќ, Вуко Борозан и Илија Абутовиќ во составот, но и без помошта на Стојанче Стоилов и Тимур Дибиров на теренот, Вардар го мина Динамо Панчево со 42-32 (20-17). Избраниците на Раул Гонзалез одиграа онолку колку што беше потребно за да дојдат до седмата победа во низа во СЕХА-лигата. Очекувано шпанскиот стратег сакаше да ги одмори ракометарите за дербито против Рајн Некар во Лигата на шампионите, закажано за во сабота. 

Марсениќ со седум погодоци беше најефикасен, Чупиќ имаше шест гола од кои три седмерци, исто толку голови забележа Кањелас. Своите пет минути ги искористија и Недановски и Поповски, запишаа по четири погодоиц. Во игра влезе и Ѓорѓески, кој имаше една интервенција.

„Црвено-црните“ влегоа опуштено, токму затоа гостите во 10 минута имаа и водство од 6-7. Регионалниот првак со неколку голови во серија, на полувремето замина со педност од 20-17. Во продолжение при 23-21, Вардар направи серија од 5-1 и се искачи на 28-22. Оттука па се до крајот доминираа „црвено-црните“. Во 54. минута со голот на Марсениќ дојдоа на плус десет 38-28. 

За Вардар ова беше вкупно 13 победа сезонава во 14 одиграни натпревари, седум во СЕХА-лига и шест во Лигата на шампионите. 

Најново во Ракомет