ЗА „ЦРВЕНО-ЦРНИТЕ“ НЕ ПОСТОЈАТ ГРАНИЦИ

ЕДИНСТВЕНИ: Вардар со нов рекорд

Вардар на гостувањето кај Нексе го забележа јубилејниот 100. триумф во регионалното натпреварување. Избраниците на Раул Гонзалез се единствениот тим кој успеал да дојде до оваа бројка на вкупно 132 одиграни натпревари.

објавено: 29 ноември 2017 - 09:00

За Вардар оваа сезона не постојат граници. Европскиот и регионален првак е непобедлив и во Лигата на шампионите и во СЕХА-лигата. 

Новото големо достигнување „црвено-црните“ го остварија на гостувањето кај Нексе, каде го забележаа јубилејниот 100. триумф во регионалното натпреварување. Избраниците на Раул Гонзалез се единствениот тим кој успеал да дојде до оваа бројка на вкупно 132 одиграни натпревари. 

На досегашните 132 натпревари Вардар има постигнато 3963 гола, а примено 3379, со просек од 30 постигнати голви по натпревар. 

Македонскиот првак е еден од четирите тима во СЕХА лигата што играат од самото основање на лигата од сезоната 2011/2012. Вардар е еден од двата тима кој бил учесник на сите досегашни Ф4 турнири, петпати играл во финале и трипати победил, што пак е рекорд, досега на ниту една друга екипа не и успеало ова.

До крајот на оваа година бранителот на титулата ќе одигра уште три натпревари во СЕХА Газпром лигата. На 5 декември е домаќин на Војводина, додека на 9 декември го пречекув Металург во македонското дерби во регионалната лига. Последниот меч го игра на 13 декември кога му гостува на Горење.

Европскиот првак денеска веќе е во Скопје и следните денови ќе ги искористи за подготовка за последната средба од Лигата на шампионите од оваа година против Кристијанштад, која се игра во сабота во СЦ „Јане Сандански“.

Најново во Ракомет