ЧЕТВРТА ПОБЕДА ЗА „ЦРВЕНО-ЦРНИТЕ“ ВО СЕХА

Вардаровиот терор продолжува: Татран лесен тренинг пред Нант

Вардар ја забележа четвртата победа во низа во СЕХА-лигата, откако на домашен терен убедливо го совлада Татран Прешов со 32-28 (18-11). 

објавено: 19 септември 2017 - 22:12

Вардар ја забележа четвртата победа во низа во СЕХА-лигата, откако на домашен терен убедливо го совлада Татран Прешов со 32-28 (18-11). Иако по Плоцк ракометарите имаа нецели два дена за одмор, сепак на дело покажаа зошто се регионални и европски прваци, па тактиката на Славко Голужа „падна во вода“.

Шишкарев, Борозан, Карачиќ, Циндриќ и Мораес беа најефикасни кај македонскиот тим, постигнаа по четири погодоци. 

Раул Гонзалез и овој пат постапи мудро, го одмараше Арпад Штербик пред дуелот со Нант во сабота, а му даде шанса на младиот Даниел Ѓорѓески, кој средбата ја заврши со седум одбрани од кои еден седмерец. Во составот на „црвено-црните“ не беа ниту Кристопанс, Кањелас и Милиќ.

Татран Прешов беше достоен противник само во првите десет минути (5-5), по кои Вардар предводен од Борозан и Шишкарев за кратко време дојде на плус четири (9-5). Во 21. минута гостите се доближија на минус два 11-9, но следеше нов бран на поени, овој пат во креација на Чупиќ, Карачиќ, Војводиќ, Шишкарев и Циндриќ за највисоки 16-9. Ова беше предност со која Вардар замина на полувремето (18-11).

Во вториот дел беше чиста формалност, Гонзалез им даде шанса на Ончев и Поповски, кои ја искористија довербата и се запишаа во листата на стрелци. Со погодокот на Борозан во 43. минута, Вардар имаше позитива од 25-17, а потоа на на девет минути до крајот со вториот гол на Ончев поведе со 29-20. 

„Црвено-црните“ по овој меч ќе имаат доволно време да се подготват за вториот меч во Лигата на шампионите. Во сабота во Скопје гостува Кире Лазаров и неговиот Нант. 

 

Најново во Ракомет