РЕГИОНАЛНАТА ЛИГА НЕ СМЕЕ ДА ПРАВИ ВАКВИ КИКСОВИ

Знае ли СЕХА каде игра Филип Талески?

Случајно или не! Во најавата на официјалната страница на СЕХА-лигата за дуелот меѓу Металург и Нексе стои фотографија од Филип Талески во дресот на тимот од Автокоманда. 

објавено: 10 септември 2017 - 13:40

Случајно или не! Во најавата на официјалната страница на СЕХА-лигата за дуелот меѓу Металург и Нексе во рамките на 3. коло, стои фотографија од Филип Талески во дресот на тимот од Автокоманда. Веруваме дека станува збор за грешка, но исто така стоиме на ставот дека регионалната лига не смее да си дозволи вакви кискови, особено во година во која барем го подигна нивото на покриеност на настаните. 

Не смее да биде изговор ниту скромната архива од натпреварите на Металург, не само од оваа сезона, туку и од претходната. Точно е дека Лино Червар направи промени во составот, но дел од играчите што ги имаше на располагање лани, ги има и сега. Талески во Рајн Некар замина во февруари по завршувањето на Светското првенство во Франција...

Инаку Металург денеска во СЦ „Борис Трајковски“ (17:45 часот) го пречекува Нексе. Ова ќе биде пресметка меѓу двата најмлади тима во СЕХА-лигата. По триумфот над Динамо Панчево, искусниот стратег на „металурзите“ фаворитската улога му ја предаде на противникот, а своите ракометари очекува борбена игра.

"По средбата со Вардар од првото коло, вчера одигравме и натпревар во Панчево, против екипата на Динамо. На оваа средба прикажавме навистина добар ракомет. Бевме атрактивни, бевме динамични и навистина го претставивме својот клуб во најдобро светло. Имавме квалитетен пристап кон играта, игравме добро и во одбраната и во нападот, па затоа и коментарите по средбата се позитивни.

СЕХА-лигата ни помага многу да го кренеме квалитетот на младите ракометари, тие да добијат шанса и минутажа и побрзо да напреднат. Сепак, нашата екипа промени 9 ракометари во однос на минатата сезона и затоа мораме да имаме трпение. Во овој момент ние не сме фаворити против ниедна екипа во лигата, а важна и квалитетна разлика во тимот ќе видеме дури на пролет.

Со екипата на Нексе секогаш е тешко, без разлика дали играме во Скопје или во Нашице. Тоа е екипа која има своја хемија во миксот од стари и млади ракометари. Се работи за брза екипа која игра динамичен ракомет, со агресивна 6-0 одбрана. Ние мораме да покажеме борбеност, да бидеме сконцентрирани, со што помалку технички грешки, а, ако одиграме добро, тоа ќе донесе и добар резултат", изјави Лино Червар.

 

Најново во Ракомет