ПО МИ, СЕЛЕКТОРОТ НА ЖЕНСКАТА РАКОМЕТНА СЕЛЕКЦИЈА СУМИРА

Симовски: Нашиот пат е можеби потрпелив, но е вистинскиот

Четвртото место на Медитеранските игри во Тарагона, кое е второ учество на женската селекција на еден ваков вид на натпреварување, како и фактот дека дамите беа најдобриот екипен претставник на Игрите се последната потврда за тоа

објавено: 5 јули 2018 - 17:00

Од септември 2015 година кога Симе Симовски ја превзема работата со женскиот национален тим, стратегот наметна свој систем на работа, кој постепено добива облик и носи резултат.

Четвртото место на Медитеранските игри во Тарагона, кое е второ учество на женската селекција на еден ваков вид на натпреварување, како и фактот дека дамите беа најдобриот екипен претставник на Игрите се последната потврда за тоа.

Избраничките на Симе Симовски настапот на турнирот го завршија со три победи (во групната фаза) и три порази (Црна Гора во група и Шпанија во полуфиналето, односно Словенија – меч за трето место).

„Медитеранските игри беа една фантастична проверка за квалитетот на Македонија. На репрезентацијата и се неопходни вакви настапи во отсуство на учеството на ЕП и СП. Еден олимписки систем на играње, кој ни овозможи да измериме сили со селекции, со кои за Игрите беа со приближен квалитет како и ние", потенцира селекторот Симе Симовски и продолжува:

„Системот кој го преферирам овие неколку години откако ја водам репрезентацијата во спој со мотивацијата на девојките, како и дисциплината во игра која ја понудија, сето тоа вроди со плод. Напредокот е видлив. Македонија нема екстра поединци во тимот, но може да се носи како колектив. Токму таквата екипна, заедничка работа и акција на теренот, се нашиот адут. Нашиот пат е можеби потрплив, но е вистинскиот."

„СЕКУНДИ НÈ ДЕЛЕА ОД МЕДАЛ"
Македонија до крај на мечот за третото место против Словенија беше во игра за медал. Загуби во финишот на натпреварот...

„Ја плаќаме цената на неискуството. Како тим немаме доволно вакви натпревари. На 23:23, со двајца играчи повеќе во поле правиме технички грешки – губиме топки, а Тамара Мавсар не казнува од контра. Отсуствуваше концентација и дисциплина кога беа најмногу потребни. Тенка е линијата меѓу победата и поразот, секунди не делеа од медал, а во тие секунди ние не бевме вистинските и останавме без бронза. Сепак, тоа е добро научена лекција, која верувам ќе ни послужи во иднина", дециден е селекторот.

Женската репрезентација следниот собир ќе го има во септември во ЕХФ неделата. До тогаш репрезентативките се слободни, додека стучниот штаб ќе има за задача да пронајде нови турнири преку кои ќе се темпира формата за квалификациите за Светското првенство 2019, во кои Македонија е дел од групата четири заедно со Турција, Македонија, Исланд и Азербејџан.

Најново во Ракомет