Нашата репрезентација го игра првиот меч на Мундијалот

Солзите од Гдањск, мотив плус за Македонија (ВИДЕО)

Тунис ни стана ракометен непријател број еден, а шанса за мала одмазда ќе имаме денеска со стартна наша победа на Светското првенство

објавено: 12 јануари 2017 - 16:45

Конечно, дојде и тој ден. Напорните подготовки во Маврово и Скопје, македонската ракометна репрезентација треба да ги покаже на терен.

На спротивната страна, во 17:45 часот го имаме Тунис, наш должник од пред една година. Мотивите кај „црвено-жолтите" момци се јасни, а тоа е слатка одмазда за дебаклот кој ни го нанесоа на Олимписките квалификации во Гдањск, каде што со поразот од 32:26 Македонија се збогува од Рио, додека африканската репрезентација го најави својот настап.

Практично токму овој меч со Тунис беше пресвртницата кај нас. За нов селектор беше назначен Лино Червар, кој дојде на местото на Ивица Обрван.

И покрај тоа што во најавите неколку пати пишавме дека ова е една нова, поинаква Македонија, сепак, грото од ракометарите беа дел од турнирот во Гдањск, па затоа се надеваме дека лекцијата е научена и дека грешката нема да се повтори.

Јасно е дека нема да биде лесно, Тунис е една од најквалитетните репрезентации од „црниот континент". Најголемиот дел од ракометарите настапуваат во француската лига што доволно говори за нивната подготвеност.

Дополнителен мотив за нив ќе биде и тоа што ќе имаат поддршка од најголемиот дел од публиката. Во Мец се очекуваат околу 500 навивачи кои ќе навиваат против Македонија, односно за Тунис.
Сепак нашите момци нема да бидат оставени сами на себе бидејќи исто така се очекува поддршка од 100 фанови во арената.

Во секој случај на мечот со почеток во 17:45 часот не очекува голема битка, во која се надеваме дека на крајот ќе се радуваме ние.

Најново во Ракомет