Ракометот во 2016 година

Соништа кои останаа неостварени

Уште на самиот почеток на 2016 нашата репрезентација разочара на ЕП во Полска, а подоцна и на Олимписките квалификации. Ниту на клупско ниво не се направи некое подобрување, ЖРК Вардар дојде до третата бронза од ЛШ, додека патот до Келн за четата предводена од Гонзалез и натаму останува само сон

објавено: 31 декември 2016 - 11:00

Перица Гиевски

Лесно можеше да се случи 2016 година да биде една од најуспешната во историјата на македонскиот ракомет.

Уште во јануари, нашата машка репрезентација имаше шанса да се прослави на Европското првенство во Полска. Искуството и зрелоста на „црвено-жолтите" требаше да дојде до израз, но, на крајот завршивме на 11 место. Но, ваквиот резултат може и да се „проголта", бидејќи погледите ни беа свртени некој месец подоцна, на квалификацискиот турнир за Олимпијадата во Рио, кој се одигра во Гдањск.

ТУНИС ГИ УРНА НАДЕЖИТЕ ЗА ОЛИМПИЈАДА
Дојде време и за олимписките квалификации го Гдањск, во април. По стартниот (очекуваниот) пораз од Полска, нашата репрезентација го очекуваше клучниот момент во квалификациите, против Тунис. Со победа, Македонија ќе го чекираше билетот за Рио, но, се случи спротивното.

Африканската репрезентација ни одржа ракометна лекција, бидејќи во најголемиот дел од мечот имаше водство, за на крајот да победи со 32:26. Преостанатиот меч со Чиле немаше никакво резултатско значење, бидејќи Тунис и Полска беа тие што се појавија на Олимпијадата.

 

ОБВРАН „АУТ", ЧЕРВАР „ИН"
По ваквиот неуспех, јасно беше дека ќе има промена на селекторската функција. Така, Ивица Обвран кој не успеа да не одведе на Олимпијадата беше заменет со далеку поискусниот Лино Червар. Тренерот на Металург со своето богато искуство влезе во тежок момент, кога дел од играчите размислуваа за пензија, додека моралот на остатокот беше на ниско ниво.

ЧЕШКА, МОЈСО, ЖУТИ...
Уште на самиот почеток Лино имаше голем предизвик пред себе, бараж двомечот со Чешка за пласман на Светското првенство во Франција. На домашен терен Чешка не победи со 28:22. Во реваншот ни беше потребно мало чудо, кое и се случи.

Неверојатна игра на нашите ракометари, кои едноставно „летаа" на теренот, иако во одредени моменти бевме и премногу самоуверени. Сепак, победа од 34:27 и МАКЕДОНИЈА Е НА СВЕТСКО!

Во мечот со големи емоции, својот последен натпревар го одигра Наумче Мојсоски, ракометарот кој повеќе од деценија гордо се бореше за овој дрес. Пензија најави и Филип Миркуловски, но, тој подоцна во консултации со Лино ја промени мислата.

НЕКОИ НОВИ МОМЦИ
Нашата селекција во моментов се подготвува за претстојнот Светско првенство во Франција. Првиот дел кој се одржа во Маврово, успешно е завршен. Червар на првиот список приреди неколку изненадувања, па така во Франција нема да го гледаме Борко Ристовски, член на Барселона. Од друга, страна, пак повредата на Филип Кузмановски значеше и враќање во репрезентативниот дрес на Филип Миркуловски.

Јасно е дека овој Мундија ќе биде поинаков од претходните. Првиот список откри многу дебитанти, и станува јасно дека време е за некакви промени. Ако досега имаше тежина на своите раменици, тогаш на ова СП, капитенот Кире Лазаров ќе има уште поголем товар на себе.

ДЕВОЈКИТЕ ЧЕКАА ЧЕТИРИ ГОДИНИ ЗА ПОБЕДА, ПА ОБЕЗБЕДИЈА БАРАЖ ЗА СП
Ретко кој веруваше дека женската ракометна репрезентација на Македонија ќе успее да обезбеди бараж за Светското првенство во Германија во 2017.

Нашите девојки чекаа четири години за победа, а во само три дена, остварија два успеси. Првин го совладаа домаќинот, а потоа во одлучувачкиот меч беа подобри од Исланд со 27:20. Шведсска ќе биде противникот во баражот. Јасно е кој е кој во овој двомеч, но кога можеше да се победи Исланд, тогаш не треба да се излезе со бело знаме.

ДАЛЕЧЕН Е КЕЛН ЗА ВАРДАР
Трета сезона по ред, македонскиот првак Вардар не успева да дојде до фајнл-фор турнирот од Лигата на шампионите во Келн. Во последниот неуспех, момците на Раул Гонзалез беа сопрени од Веспрем и тоа „благодарение" на поразот во Скопје од 26:29. Во реваншот кој се играше во Унгарија, нашиот шампион имаше неколку шанси да ја надмине таа негатива, но, на крајот мечот заврши 30:30.

ВАРДАРКИ СО ТРЕТА БРОНЗА, ДАВИД ДЕЈВИС ЈА ЗАМЕНИ ИНДИРА
Голема беше радоста кај раководството на ЖРК Вардар откако за противник во полуфиналето беше добиен ЧСМ Букурешт. Романскиот тим кој на хартија беше аутсајдер против „црвено-црните", направи сензација и оствари победа од 27:21 со што се пласираше во финалето. Потоа ЧСМ предводен од Ким Расмусен го изненади Ѓер во борбата за златниот медал и по подобро изведување на пеналите победи со 29:26.
Во малото финале вардарки беа подобри од Будуќност (30:28) за трета бронза едноподруго од ЛШ, иако очекувањата за минатата сезона беа најмалку финале.

Се чекаше почетокот на оваа сезона за раководството да реагира. По нерешниот исход во премиерата на домашен терен против ФТЦ, Индира Кастратовиќ беше сменета од тренерската функција. Давид Дејвис Камара дојде на нејзино место. Помошникот го замени тренерот. Давид Дејвис има добар почеток, сепак, сè освен влез во финалето, ќе се смета за нов неуспех.

„МЛАДИОТ" МЕТАЛУРГ
Тимот од Автокоманда веќе некоја година настапува со намалени амбиции во Лигата на шампионите. Видно подмладен и ослабен, колективот предводен од Лино Червар е во послабиот дел од „елитата". Младите ракометари, како и неколкуте странци, се борат според своите можности и бележеа одлични резултати. Сепак, на крајот завршија на третото место во групата Ц и не обезбедија пласман во осминафиналето.

И КИРЕ ОСТАНА „ПРАЗЕН"
Кире Лазаров со својата Барселона беа едни од најсериозните кандидати за освојување на титулата во Лигата на шампионте, или во најмала рака барем пласман на фајнл-фор турнирот. Сепак, шпанскиот првак неочекувано во четвртфиналето „потклекна" пред Кил.

Германските „зебри" кои ја имаа една од најлошите сезони, успеаја да се поправат и да направат сензација, елиминирајќи ги Каталонците. Македонскиот капитен, не успеа да дојде до својата втора титула во ова натпреварување.

„ЛАВОВИТЕ" МАНАСКОВ И ТАЛЕСКИ
По заминувањето на Борко од РНЛ, германскиот шампион ги осигура услугите на Дејан Манасков. Брзото крило немаше почеток на сезоната каков што посакуваше, но, како што одминува времето, Деки добива сè поголема шанса.

Од 2017 година ќе му се приклучи и Филип Талески. Сè уште е непознато дали тоа ќе се случи во јануари, или пак по крајот на сезоната. Јасно е дека ова е ново поглавје во кариерата на Талески, кој со право треба да го оправда епитетот „бисер".

„МАКЕДОНСКА" БАРСЕЛОНА
Трансфер на кариерата направи Борко Ристовски кој летово од редовите на Рајн Некар Левен замина во Барселона. Чуварот на мрежата со овој трансфер го достигна врвот во својата кариера. А од Германија се одјави со стил, освојувајќи шампионска титула со „лавовите".

Ќе ја освои и во Шпанија, бидејќи Барселона речиси и да нема конкуренција. Желбата е да се освои титулата во ЛШ. Каков ли само тоа успех ќе биде за нашиот репрезентативен ракомет доколку Кире и Борко се израдуваат на круната со Барселона. Но, конкуренцијата е голема, а со ваква желба се и многу голем број на клубови, вклучувајќи го и Вардар.

Веќе од утре нашиот ракомет врти нова странца. Во 2017 година многу работи ќе бидат познати. Дали функционира „рецептот" на Червар во репрезентацијата. Каде е нашата младина. Додавајќи ги и настапите на РК и ЖРК Вардар во Лигата на шампионте, како и игрите на Македонците.

Најново во Ракомет