ДВАЈЦА МАКЕДОНЦИ МЕЃУ 35 ТАЛЕНТИ НА МУНДИЈАЛОТ

ЅВЕЗДИ ВО ПОДЕМ: Серафимов и Танкоски - момчиња на кои треба да се внимава

Ракометарите на Металург ќе дебитираат на едно големо натпреварување како дел од А селекцијата, а нивните настапи се маркирани како – мора внимателно да се следи.

објавено: 11 јануари 2019 - 10:00

Ако пред почетокот на СП вниманието беше насочено кон ѕвездите кои ќе недостасуваат на мундијалот во Данска и Германија, по неговиот старт погледите ќе бидат вперени кон она што тој има да го понуди, пред се кон младите и нови таленти.

Македонските репрезентативци Мартин Серафимов (18 години) и Марио Танкоски (20 години) влегуваат во друштвото на ѕвезди во подем, чии наспат на СП мора внимателно да се следи.

Ракометарите на Металург ќе дебитираат на едно големо натпреварување како дел од А селекцијата.

Серафимов, кој настапува на позицијата десен бек, ќе му го чува грбот на капитенот Кирил Лазаров на ова првенство, откако неговиот клупски соиграч, кој ја имаше таквата улога на ЕП 2018, Мартин Велковски заработи повреда на лигаментите на коленото. Кадетскиот и младински репрезентативец доколку добие шанса ќе мора да ја искористи бидејќи во него се гледа наследникот на Лазаров.
Со само 18 години Серафимов сезонава одигра неколку интересни натпревари во Лигата на шампионите каде презентираше дел од својот талент, а имаше и импресивни настапи на ЕХФ Шампионатите летово.

Танкоски, кој може да се искористи и како лев бек, но и како среден бек исто така добива шанса да го запечати своето присуство во А тимот. Со оглед на тоа дека на левата бековска позиција пред себе ги има Филип Талески и Филип Кузмановски, а во моментов Македонија е дефицитарна на средината, можеби тука ќе треба да го бара своето место.

Меѓу талентите на кои треба да се посвети внимание од нашата група Б во Минхен се издвојуваат три играчи од Исланд, Тетур Орн Енарсон, Гисли Кристијансон и Елвар Јонсон, како и јапонскиот репрезентативец Адам Јуки Биг.

Од 35 таленти кои се издвоени како ѕвезди во најава уште се вбројуваат и вардаровиот голман во дресот на Србија, Дејан Милосављев, како и екс-ракометарот на Металург, Халил Јагањац, кој настапува за Хрватска.

Најново во Ракомет