РАТИНГЕН ГО СЛАВИ НАШИОТ РЕПРЕЗЕНТАТИВЕЦ

Германците горди на Филип Лазаров

Единствениот играч на бундеслигашот, кој има обврски на СП во Германија и Данска е главна ѕвезда деновиве.

објавено: 12 јануари 2019 - 13:00

Македонскиот репрезентативец Филип Лазаров е главна ѕвезда во неговиот клуб, германски Ратинген деновиве, со оглед на тоа дека тој е единствениот играч на овој бундеслигаш со обврски на СП во Германија и Данска.

Тимот во кој покрај Лазаров, настапува и голманот Петар Ангелов, а каде македонската колонија ја надополнува и Аце Јоновски, кој од неодамна е и главен стратег на клубот, навива и се гордее со бекот.

За Филип Лазаров ова е петти мундијалски настап и уште на стартот се покажа како важна алка во ротацијата на Раул Гонзалез, а беше креатор и на два погодоци против Јапонија, од кој еден во братскиот цепелин со Кире, кој го одбележа мечот.

„Ова е петто големо натпреварување за мене и мислам дека селекторот го користи моето искуство. Атмосферата во тимот е одлична и мислам дека сме добро подготвени за ова СП. Примарната цел е да се мине групата, а потоа и да се дојде до место во олимписките квалификации“, вели Филип Лазаров.

Колку за потсетување Филип Лазаров блескаше и лани на ЕП во Хрватска, кога во групната фаза во Загреб имаше и клучна улога за првото место на Македонија во групата, но потоа се повреди и не можеше да му помогне на тимот во продолжението.

Најново во Ракомет