ПО ЕЛИМИНАЦИИТЕ НА БАРСЕЛОНА И ВЕСПРЕМ

Вардар има широко отворена врата за одбрана на титулата во Келн

Две од четирите екипи кои минатата сезона беа на завршницата во Лигата на шампионите, сега се во аут уште по осминафиналето, иако обложувалниците им даваа најголеми шанси дека ќе се борат за трофејот на Европа

објавено: 1 април 2018 - 09:30

Актуелниот европски првак Вардар воопшто не мораше да огра во осминафиналето од Лигата на шампионите, бидејќи како првопласиран во групата, си обезбеди директно место во четвртфиналната фаза. И кога не игра, на Вардар му се вклопуваат коцките, во мисијата да се одбрани европскиот ракометен трон.

Помалку чудно, но вистинито, екипите на Барселона и Веспрем вчера беа елиминирани во осминафиналето од елитната лига. Ова е чудно, ако се знае дека токму Барселона и Веспрем важеа за двата од трите најголеми фаворити за трофејот на фајнл-фор турнирот во Келн. Сепак, обложувалниците згрешија, па фаворитите се во аут. 

Барселона и Веспрем беа дел од завршницата минатата година, кога Вардар стана европски првак. Во Келн беше и Пари Сен Жермен, тим кој сега исто како Вардар не мораше да игра осминафинале, благодарение на добрите резултати од групната фаза. 

Кога ги нема Барса и Веспрем, прв фаворит за трофејот во Келн останува ПСЖ, а веднаш потоа е македонскиот првак Вардар. Токму овие две екипи играа минатата година во финалето, па многу возможно е да има реприза од лани. 

Ако Вардар пред неполна година успеа да ја израдува македонската спортска јавност и да се искачи на тронот на фајнл фор турнирот во Келн во друштво со Веспрем, Барселона и ПСЖ, зошто да не веруваме дека сега тој успех може да се повтори, ако се знае дека ќе ги нема двајца од трите главни фаворити.

Најново во Ракомет