шампионот брзо се врати на победите

Вардар без проблеми го победи Татран

Откаково претходното коло „црвено-црните“ ремизираа на гости кај Мешков Брест, вечерва стигна до двата бода на гости во меч од СЕХА лигата

објавено: 3 февруари 2018 - 19:31

Најдобриот тим во Европа, Вардар, стигна до 12 победа во 13 меч во СЕХА лигата. Вардарци без поголеми проблеми славеа на гости кај Татран Прешов со 30:22. Со овој триумф, бранителот на тронот во регионалното натпреварување покажа дека воопшто не е во криза, туку ремито од пред неколку дена против Мешков Брест е само еден обичен кикс. 

Вардар има 24 меча без пораз во сите натпреварувања сезонава, што е доказ за силата на македонскиот, регионалниот, но и европскиот првак. 

Татран се обиде да даде достоен отпор и тоа посебно на домаќините им успеваше во првото полувреме, кога парираа на фаворитот, па на полувреме, „црвено-црните“ водеа само со еден гол (14:13). Во вториот дел, избраниците на тренерот Раул Гонзалез го зголемија темпото и на крајот стигнаа до сигурна победа, за зацврстување на лидерското место во СЕХА лигата. 

Страхиња Милиќ со 13 одбрани беше одличен на голот, а во нападот Дибиров беше најдобар со 9 гола, додека по пет постигнаа Циндриќ и Војводиќ.

Најново во Ракомет