РАКОМЕТЕН КУП НА МАКЕДОНИЈА

Вардар го освои Купот, сега останува само уште ЛШ и се да биде како лани

„Црвено-црните“ уште еднаш покажаа дека се неприкосновени на домашната сцена

објавено: 19 мај 2018 - 18:14

Ракометарите на Вардар го освоија и третиот трофеј сезонава, откако „црвено-црните“ триумфираа во Купот на Македонија. Во финалето кое се играше во салата „Младост“ во Битола, Вардар славеше со 30:26 во дуелот со Металург. 

Иако и пред одржување на овој фајнл-фор турнир беше јасно дека Вардар ќе го освои трофејот, екипата од Автокоманда одигра солиден меч во финалето и не дозволи да биде високо поразен. За Вардар ова беше вкупно 13 трофеј во Купот, а петти во низа. 

Освен трофејот во Купот на Македонија, Вардар веќе во своите витрини ги обезбеди и пехарите од СЕХА Лигата и од првенството. На избраниците на Раул Гонзалез им останува уште фајнл-фор турнирот во Лигата на шампионите. Доколку вардарци успеат да го освојат и тој трофеј, ќе ја повторат одличната ланска сезона, кога освоија четири трофеи.

Високиот Даинис Кристопанс од Вардар беше прогласен за најкорисен играч на завршницата во Купот. Признанието за најдобар голман му припадна на Мартин Поповски од Металург, а Кузмановски и Јагањац ја поделија наградата за најдобар стрелец на фајнл-форот.

Најново во Ракомет