КОЕФИЦИЕНТИТЕ НЕ СЕ НАКЛОНЕТИ КОН АКТУЕЛНИОТ ЕВРОПСКИ ПРВАК

Вардар не го ставаат ни во Топ 3 фаворитите, но така беше и лани

На првото место, односно главен фаворит е Пари Сен Жермен, Барселона е втора, додека Веспрем е трет

објавено: 15 март 2018 - 15:00

Европскиот првак Вардар и натаму е меѓу четирите екипи кои според новинарите на ЕХФ од цела Европа, ќе се најде на Ф4 турнирот во Келн од Лигата на шампионите, закажан за 26 и 27 мај во „Лангсес" арената. Како и пред почетокот на сезоната, така и сега, на новото рангирање пред стартот на елиминациите (осминафиналето и четвртфиналето), „црвено-црните" се четврт фаворит за освојување на титулата.

„Бранителот на титулата одлично се носи со метата која ја има на грбот досега сезонава. Првото место во групата А ги однесе директно во четвртфиналето, со што тимот е на само еден чекор да стане првиот тим кој по освојувањето на шампионската титула се вратил во Келн следната сезона. Тренерот Раул Гонзалез и дел од клучните играчи заминуваат од тимот на крајот на сезоната, но пред тоа ќе се обидат да создадат историја", стои во објаснувањето на ЕХФ.

На првото место, односно главен фаворит е Пари Сен Жермен, Барселона е втора, додека Веспрем е трет, а доколку овие екипи заедно со Вардар успејат да се најдат во Келн, тогаш ќе бидеме сведоци на реприза од ланското издание.

Од петтото до десетото место се Нант и Кирил Лазаров, Флензбург, Келце, Кил, Кристијанштад и Монпеље.

Најново во Ракомет