ВО ПОСЛЕДНИОТ МЕЧ ОД РЕГИОНАЛНАТА ЛИГА НА „СИНО-БЕЛИТЕ“

ВЕТЕНО-СТОРЕНО: Металург со триумф над Целје се одјави од СЕХА

"Металурзите" во последниот регионален меч сезонава славеа над словенечкиот првак и учесник на Ф4, 28:26 (17:13)

објавено: 18 март 2018 - 19:26

Најавија ракометарите на Металург дека го чуваат најдоброто од себе за крајот, а тоа го потврдија и во последниот натпревар на меѓународна сцена сезонава, против Целје во СЕХА лигата, на кој славеа со 28:26 (17:13) во "Борис Трајковски". Одиграа храбро и квалитетно ракометарите на двата тима, а и покрај фактот дека влезот беше бесплатен овој меч го проследијa скромен број на ракометни фанови.

Тимот од Автокоманда ја превзема иницијативата во средината на првото полувреме и остана на ниво до самиот финиш на мечот, каде крилото Вања Илиќ беше херојот. Влегоа рамноправно противниците во натпреварот кој немаше никакво резултатско значење, ниту за едните, ниту за другите. Металург почна со "7 на 6" во нападот, но откако не поминаа првите два-три обиди се вратија на класична офанзива, во кој Пешевски, Кузмановски и Велковски одлично му парираа на словенечкиот првак.

Целје, пак играше со брз центар и имаше брза реализација и до 4:4 ја имаше иницијатива и за прв пат на +2 успеја да ја донесе по десет минути игра, 4:6. Таквата предност Целје ја одржуваше до 10:12, по што следуваше 6-0 серија на Металург, кој дојде и до највисоката предност од 16:12, во пресрет на финишот на полувремето. Тренерот на Целје Бранко Тамше во овој период од играта комбинираше многу со поставата, даде шанса на дел од помладите ракометари во тимот. Но, не беше само тоа причината за серијата на "металурзите". Тие ја подобрија одбраната, добро функционираше 5-1 дефанзивната линија, а и Томовски запиша три значајни интервенции.

Со 17:13 Металург замина на полувремето.

Тимот од Автокоманда држеше темпо до средината на вториот дел, но Словенците, кои одново се вратија во најсилен состав почнаа да притискаат и дојдоа до изедначување, 23:23 на десет минути до крајот. Во клучните моменти, Вања Илиќ делуваше фокусирано,, па прво постигна погодок, а потоа и украде топка, која Токиќ ја претвори во нова предност од 25:23. Со поддршка на Јагањац, Кузмановски... ја одржуваше Металург преноста од еден до два гола, а откако во финишот на натпреварот Целје не успеја да искористи еден контранапад за егал, Илиќ стави точка на дуелот и го потврди триумфот на македонскиот вицепрвак.

Кузмановски со 6 и Јагањац и Илиќ со по пет погодоци го предводеа Металург во последната регионална победа сезонава.

Најново во Ракомет