Не-среќата посака овој „трилинг” кој лани настапуваше за екипата на Карпош Соколи да се пресели од Карпош во Аеродром, и да го „репризира” она што се случи лани на истото место – во Кавадарци.

Некогаш треба да знаеш да го одбереш вистинскиот момент, особено кога ги менуваш клупските бои.
И да останеш, да бидеш „во мода”, онаа победничка, добитна…
Во една таква улога се најдоа тројца играчи на МЗТ Скопје по вечерашниот триумф над Работнички во финалето на националниот Куп (76:67), одигран во Кавадарци.
Овој „трилинг” знаеше како е да се направи тоа, затоа што точно пред една година, на истото место, но во друга „униформа” го реализираа тоа – го освоија Купот.

Дарко Соколов, Игор Пенов и Бојан Трајковски повторно влегоа во „добитна комбинација”, и втора година по ред го подигнаа победничкиот пехар наменет за најдобриот во ова натпреварување кое го означува онј средишен дел од сезоната во европска клупска кошарка.
Трајковски, заедно со Пенов и Дарко Соколов, се единствените кои ја одбранија титулата од лани.
Но тоа не е се…
Затоа што после седум години Игор Пенов дочека своевиден реванш
Високото крило на „металците” не влезе во финалниот натпревар, но секако беше еден од најсреќните, затоа што тој беше член на МЗТ и пред седум години, кога „аеродромци” загубија финале на Куп од Работнички.
Од друга страна пак, Кирил Николовски ја нема(ше) таа среќа, како довчерашен играч на Карпош Соколи да се надева на реализација на трофеј со Работнички.
И не му е прв пат затоа што во 2011 беше дел од тимот на МЗТ Скопје кој тогаш го загуби финалето со Работнички, а сега повторно беше на онаа губитничка страна. Куриозитет плус по овој финален турнир од Купот на Македонија е и фактот дека освен што МЗТ Скопје го стигна Работнички (сега вечните ривали имаат по девет трофеи), сега Дамјан Стојановски и Бојан Трајковски се израмнија со Ѓорѓи Чековски со по шест освоени куп титули, со што се најдобри меѓу активните играчи во македонската кошарка.