Последниот чекор на патот кон Европското првенство 2019, одбојкарската машка репрезентација на Македонија треба да го направи вечерва (20:15) часот, кога во СРЦ „Кале” во Скопје ја пречекува Унгарија во последниот меч од групата Ф.

На „спартанците” потребна им е победа со три бода (3:0 или 3:1) за да се најдат меѓу најдобрите во Европа, но не зависи се само од нив. За Македонија да биде во кругот на петте најдобри второпласирани селекции потребно е претходно Летонија да го победи Израел во Јелгава, додека Шведска пред својата публика да го совлада Азербејџан.

„По негативниот резултат во Унгарија имаме мал пад во атмосферата во тимот. Сепак знаеме што сакаме – со победа да го завршиме циклусот и ако имаме среќа и да обезбедиме пласман на ЕП. Јасно ни е дека не зависи се само од нас и дека многу работи може да се сменат во зависност од резултатите од другите натпревари кои се играат пред нашиот. Но имам некое чувство дека Летонија и Шведска ќе победат и дека и ние со триумф над Унгарија ќе се радуваме на пласман.
Доколку не се случи тоа мора да мислиме на иднината и на нашиот рејтинг за да имаме подобра ждрепка за следниот циклус, кој започнува во 2020″, вели капитенот Никола Ѓоргиев.

Македонија во првиот дуел од квалификациите со 3:2 ја совлада Унгарија во Будимпешта, а противникот нема шанси за пласман на ЕП, дури и со победа во Скопје.

Европското првенство, кое е закажано од 12 до 29 септември годинава премиерно ќе има 24 учесници, а ќе се одигра во четири земји, Франција, Словенија, Белгија и Холандија.