Купот на Македонија и официјално ќе се одигра во Гевгелија, потврдија од МКФ на својата официјална страница.

“По одлично организиран натпревар во рамки на сениорската машка репрезентација како и 3×3 FIBA турнир во текот на изминатите шест месеци, Македонската кошаркарска федерација одлучи празникот на кошарката – државниот Куп да се одигра токму во градот Гевгелија. Денеска и официјално беше ставен потпис на договорот за соработка помеѓу Македонската кошаркарска федерација и клубовите Блокотехна и Кожув кои ќе бидат коорганизатори на натпреварите од државниот Куп, со поддршка од Општината Гевгелија. Викендот 15.-16. и 17. февруари, центарот на внимание на сите љубители на кошарката ќе биде свртен кон Гевгелија“, се вели во соопштението на МКФ.

Спортскиот директор на МКФ, Владимир Темелковски, заедно со градоначалникот на Општина Гевгелија, Сашко Поцков како и претставниците на клубовите, Ѓорѓи Гетов (Кожув) и Драган Ристов (Блокотехна) одржаа средба во Гевгелија договарајќи ги последните детали околу организацијата.