Вардар продолжува со подготовките крај турското крајбрејжје, во Аланија, каде што се одработува главната фаза од зимскиот дел од тренинзите. Акцент се става и на воигрувањето, и токму од тука се играат и контролни натпревари.

До сега Вардар одигра три меча, а како течат подготовките и импресиите од трите натпревари до сега ги искажува шефот на стручниот штаб Александар Васоски.

„Низ овие три натпревари шанса добија речиси сите фудбалери кои се на располагање во моментов, односно кои немаат никакви проблеми со повреди. Во првите два натпревари им дадовме шанса на два тима по 45. минути, на овој третиот меч менувавме во 70. минута, и како одиме кон крајот на подготовките, полека ќе се искристализира тимот, кој ќе треба да го понесе товарот низ пролетниот дел. Резултатите од контролните мечеви ни се во втор план, важно ќе биде добро да се подготвиме, и засега можам да го истакнам моето задоволство од тоа како работи екипата на овие подготовки”, вели Васоски.

Во таборот има и многу млади играчи, на некои од нив и ова им се први подготовки, и дебитираа во сениорската конкуренција во „црвено-црниот” дрес.