МЗТ Скопје го одбра потешкиот начин за да дојде до нови бодови во трката за втората позиција на табелата во АБА 2 лигата која носи пласман во плеј-офот. Стратегот на македонскиот вицепрвак, Ѓорѓи Кочов пред дуелот со Вршац предупреди дека не смее да се потцени аутсајдерот, но неговите совети не допреа до играчите.

Тимот од Аердром имаше слаба реализација од линијата за три поени (4/15), како и 12 загубени топки против Вршац. Предраг Самарџиски со 17 поени беше прв стрелец, Вудард застана на 13 поени, додека Иванов имаше два помалку.

По променливата игра во првата четвртина (19-17), кошаркарите на МЗТ Скопје во следниот период заиграа онака како што наложуваше самата средба и улогата на подреденост на теренот, на одморот заминаа со позитива од 41-29.

Наместо сигурна игра, избраниците на Кочов паднаа во третиот период, гостите со серија од 7-0 се доближија на 53-51. Квалитетот на крајот си го стори своето, Соколов, Вудрад и Симоновски го отворија патот кон 13-та победа сезонава, не дозволија изненадување. МЗТ Скопје пред крајот дојде до двоцифрена предност 76-66.

Во следното 19. коло, „сино-белите“ му гостуваат на Динамик.