Металург во продолжението од сезоната покрај петте натпревари кои ги има до крајот на регуларниот дел од СЕХА-лигата, потоа комплетно ќе се насочи кон домашното првенство, а тренерот на „металурзите” Данило Брестовац на денешната средба со медиумите имаше размислување кое има смисла.

„Среќен сум што се засилува Еурофарм Работник, Пелистер станува сериозна екипа, Бутел исто така… Гледам и Охрид носи две домашни засилувања. Одлично е што покрај Вардар и Металург, сега и Еурофарм Работник е силен, и Бутел, и Пелистер, Охрид… сето тоа ме наведува на прашањето зошто да не играме во домашната лига, осум тима двокружно и да ја направиме најсилната лига на овие простори.
Ова е мој личен став, не став на клубот, и ете, гласно си размислува, бидејќи се чини дека сум носталгичен за еден период кога бранев за Вардар и кога на трибините имаше по две, три, четири илјади публика. За тоа играме, за публиката, а неа многу малку ја има на трибините, 20 луѓе во Скопје, исто толку во Љубушки или во Нови Сад… Мене искрено ми недостасуваат жарот, ривалитетот…
Со овој состав на играчи што го имаат нашите клубови, верувам дека кога ќе стартува „плеј-офот” во Суперлигата, македонското првенство ќе биде најсилното на балканските простори. Никој друг во моментов не може да го понуди она што го имаат нашите клубови”, заклучи стратегот на Металург, Данило Брестовац.

Во оваа насока прашан дали тимот од Автокоманда може да добие некои освежување во составот, тренерот вели:

„Го следиме трансфер-пазарот и ако се укаже шанса да купиме некој интересен играч зошто да не. Преодниот рок трае до 28 февруари, се уште е рано… Сигурно дека нема да купиме нешто што не ни треба”.