Даниел Аврамовски потпиша за Вардар. Најавите на „Спортмедиа“ остварени, и фудбалерот од средниот ред и екс младински репрезентативец до крајот на сезонава ќе биде „вардарец“, нешто за кое сонувал од мал.

„„Драго ми е што потпишав за Вардар. Можам да кажам дека уште од мал навивам за Вардар, иако играв за други клубови. Сега практично ми се оствари сонот да играм за овој клуб. Очекувам брзо да се адаптирам затоа што со голем дел од играчите се знам. Сум играл со нив и по репрезентација и по клубовите, добро ме познаваат, добри ги познавам и јас нив. Во пролетниот дел пред се добра игра како екипа, и нормално добри резултати. Знам дека од Вардар секогаш се бараат победи, резултати, знам како е да се носам со тој предизвик. Целта ни е секако титулата, а излезот во Европа не треба да биде доведен во прашање. Со нетрпение очекувам да се приклучам на подготовките на екипата, да се наметнам на стручниот штаб, и потоа низ пролетниот дел да бележиме добри резултати”, изјави Аврамовски.

Аврамовски доаѓа од Олимпија Љубљана, а во минатото беше дел од Војводина, Црвена Звезда и во нашето првенство играше за Работнички и за Македонија Ѓорче Петров.

Аврамовски официјално е второто засилување за вицепрвакот после Жуниор, а деновиве се очекува официјализација и со Кире Маркоски, како и промоција на повратникот Хуан Фелипе.