Еден поинаков, страшен Вардар видовме во „САП Арена”. Овие момци покажаа дека последниот збор секогаш го имаат на терен, а желбата да докажат дека можат да се носат против секого и на секој терен, го потврдија вечерва во Мајнхајм, го демолираа Рајн Некар со 27-30 и останаа на второто место на табелата во групата А.

Дибиров со седум гола беше прв стрелец , еден помалку имаа Карачиќ и Стоилов, четири погодоци имаше Кристопанс.

Избраниците на Роберто Гарсија Парондо со голема самодоверба влегоа во мечот, на момент како да не им верувавме на своите очи…Рајн Некар ниту еднаш не успеа да поведе. По 3-3, „црвено-црните” носени на крилата на расположениот Игор Карачаиќ брзо ја превземаа контролата на теренот (3-5, 4-6). Откако во три наврати не ги казнија грешките на противникот, Скубе во 11 минута зголеми на 4-7.

Јакобсен повика тајм-аут, РНЛ даде два гола, откако Чупиќ промаши седмерец (6-7). Но, ништо не ги сопре овие мотивирани момци. Вардар дојде и на нависоки плус 9-16 со погодот на Дибиров на пет минути од крајот. Германците преку Шмид на полувремето намалија на 12-16.

По само седум минути игра, Вардар ја врати најголемата позитива на мечот од седум гола (14-21). Јакобсен беше во очај, не можеше да ја пронајде вистинската формула, мораше да игра „седум на шест”. „Лавовите” со серија 3-0 намалија на 17-21 во 40. минута, македонскиот тим имаше играч помалку. Чупиќ го промаши својот втор седмерец, но Стоилов го прекина налетот 17-22, две минути подоцна Стоилов и Шишкарев зголемија на 18-24.

Мало невнимание на одбраната го искористи Шмид со два гола по ред го разбуди својот тим (20-24) на средината на второто полувреме. Парондо повика тајм-аут, Дибиров ги спроведе советите (20-25), а по грешката на спротивната страна Кристопанс постигна важен гол за 20-26. Милосављев ја запиша десетата одбрана, доволно за Скубе го совлада противничкиот голман за 20-27.

Проба Јакобсен да направи пресврт, но возот беше отиден, Вардар заслужено заминува со целиот плен.