Деновите минати во дресот на македонската репрезентација Лестер Бо Мекејлеб тешко може да ги заборави, чувство кое дефинитивно е обострано. Популарниот Борче беше дел од онаа генерација која го освои историското четврто место на ЕП 2011 година во Литванија.

Годините брзо минаа, но деновите на радост сите ќе ги паметиме, секако најмногу играчите. Мекејлеб во секое интервју или пак на социјалните мрежи се навраќа на тие денови, со огромно задоволство зборува за Македонија.

Пред неколку дена по кратка пауза се врати на социјалните мрежи, и натаму стои фотографијата во дресот на македонската репрезентација.

„Имам неверојатни моменти и спомени, засекогаш Македонија“, беше коментарот на Бо на една објава на неговиот „Фејсбук“ профил.

Мекејлеб во моментов е член на шпанска Сарагоса, се обидува да се врати во форма.