Се пали „вулканот Јане Сандански“ по долга пауза. Вардар на првиот домашен меч од оваа година во Лигата шампиони ќе има полни трибини, салата за дуелот со Веспрем (сабота, 17:30 часот) е целоно распродадена (на официјалната страница на тикетсплус стои дека останале 8 карти), останува челниците на клубот да одлучат дали ќе пуштат дополнителни билети на стоење, како што беше случај со Барселона оваа сезона.

Унгарскиот вицепрвак е еден од директните конкуренти на македонскиот тим за второто место на табелата во групата А, кое носи полесен противник во осминафиналето. Вардар зад себе го има триумфот над Рајн Накар на гостински терен и еден бод повеќе од Веспрем, кој пак во минатото коло во елитното натпреварување пред своите фанови ја совлада Барселона.

Во најава е пеколна атмосфера, најверните навивачи „Комити“ ќе бидат на трибините, заедно со останатите фанови се подготвени на своите миленици да им ја пружат потребната поддршка за нова победа, нов чекор кон посакуваната позиција. Во Скопје ќе биде вистински ракометен празник, Веспрем доаѓа со 200 фанови, кои одамна ги откупија билетите за овој меч.

Вардар има причина плус да се надевам на втора победа во пресметките со Арпад Штербик и неговите соиграчи, во составот најверојатно ќе се вратат Вуко Борозан и Рожерио Мораес, кои веќе се приклучија на тренинзите.