Насмевки на лицето на Давид Дејвис. Тренерот на Веспрем најдобро знае колку е тешко да се совлада Вардар, особено на домашен терен. Дејвис беше задоволен, секако од резултатот, но и времето минато во Скопје, а на стартот на прес-конференцијата не воодушеви сите, зборече на течен македонски јазик.

„Убав ден за мене што се вратив во Скопје, по четири сезони минати видов многу пријатели и среќен сум што се вратив.

Тежок натпревар, Вардар само против Барселона загуби дома, но ние сакавме да победиме. Во првото полувреме беше тешко, Вардар играше одлично, имавме многу грешки. Во второто полувреме ја променивме играта, кај Вардар се почувствува замор, ние го кренавме нивото на играта, противникот имаше проблеми во позициониот напад”, рече Давид Дејвис,

Изненадувачки, Дејан Манасков пак одлучи да збори на англиски јазик, малку чудно, но ете тоа е одлука на репрезентативец. „Јас ќе се обратам на англиски јазик“, беа првите зборови па продолжи:

„Секогаш е тешко да се игра во Скопје, пред домашната публика. Знаевме дека ќе биде тешко, не игравме добро во првото полувреме, имавме долг говор во соблекувалната, Давид беше лут и во второто полувреме влеговме пофокусирани, поконцентрирани и со многу поголема дисциплина во играта и со она што го покажавме во вториот дел заслуживме да победиме..“, кажа репрезентативецот.