Утре, со мечевите од 19. коло, стартува пролетниот дел од 27 сезона во ПМФЛ. Не очекуваат 18 кола, многу натпревари, многу желби, многу амбиции. Тука е и Купот. Да, не чека навистина интересна и возбудлива сезона. Имено ако Шкендија е апсолутен фаворит за титулата, ако Силекс, Победа и Беласица се екипите кои се најзагрозени во однос на тоа каде се наоаѓаат на табелата, остануваат значи шест екипи кои преку првенството ќе сакаат европска – виза. Вардар, А. Пандев, Работнички, Шкупи, Ренова и Македонија ЃП се тие кои не кријат дека сакаат летово да им биде европско. А. Пандев и Македонија ЃП имаат шанса и преку Купот, исто како и Беласица и Победа, сите овие четири екипи се во 1/2 финалето од Купот.

Вардар има 35 бодови, А. Пандев 30, Работнички 26, Шкупи 23, Македонија ЃП и Ренова по 21. Сите овие екипи се засилија и сите си ја бараат својата шанса.

Кај Академија Пандев е „клучот”…

Имено за тоа како ќе се одвиваат работите во Првата лига во однос на Европа, се чини дека „клучот” е кај А. Пандев. Ако „пандевци” го освојат купот тогаш и четвртиот тим ќе игра во Европа, ако пак Беласица, Македонија ЃП или Победа го освојат пехарот, е тогаш ќе биде „густо”. Тогаш само вториот и третиот ќе играат во квалификациите во Лигата на Европа. Токму затоа Вардар, Работнички, Шкупи… ќе навиваат за „пандевци” во Купот.

Првите три кола ќе бидат показател како понатаму

Интересно е тоа што првите три пролетни кола ќе бидат показател како понатаму ќе се одвиваат работите. Имено Вардар гостува кај Шкендија и Ренова, па дома игра со Македонија ЃП. А. Пандев во првите три кола игра во Струмица, Работнички пак дома ги чека Ренова и Силекс, гостува кај Победа и се среќава дома со А. Пандев. Значи може лесно да се случи предноста која ја има Вардар во однос на А. Пандев и Работнички, веќе на почетокот на март да се истопи.

Наше е само да посакаме квалитетен, интересен, возбудлив и неизвесен пролетен дел.
Па кој е подобар нека победи, нели!