Вардар не успеа да го направи најважниот чекор за одбрана на второто место на табелата во групата А. На домашен терен беше совладан од Веспрем со 29-27 и по долго време падна на третата позиција. Овој пат на „црвено-црните“ не им помогна ниту одличната атмосфера, која вечерва беше навистина посебна, салата беше исполнета до последното место, фановите со сиот глас навиваа за вардаровите ракометери. Се случи кобното второ полувреме, на теренот видовме едно поинакво лице на македонскиот тим, непознато лице, барем кога станува збор оваа сезона. Унгарците славеа како да победиле во финале, на другата страна играчите, но и навивачите со наведнати глави го напуштија теренот.

Не е трагично, но по едно одлично прво полувреме, крајниот исход е болен.

Второто место не е недостижно, но сега не се прашува Вардар, сега се прашува и Веспрем. Дали унгарскиот првак ќе направи кикс на две кола до крајот на групната фаза, а истовремено Парондо и неговите избраници ќе слават против Кристијанштад на гости и Монпелје на домашен терен.